Најмалку петмина повредени во напад во Кабул
Најмалку четворица војници на авганистанската армија и еден цивил се повредени во напад врз воен центар за обука во Кабул, објавија официјални лица.
Портпаролот на Министерството за одбрана, Фуад Аман, изјави дека непознати напаѓачи денеска фрлиле две гранати кон портата на воениот објект во западниот дел на Кабул. Никој не ја презеде одговорноста за нападот, кој доаѓа пет дена откако во самоубиствен бомбашки напад во Кабул загинаа 12 лица.
И Талибанците и групата Исламска држава честопати ги таргетираат авганистанските безбедносни сили и владини претставници низ целата земја. Минатата недела авганистанскиот претседател Ашраф Гани објави ослободување на тројца високи затвореници на Талибанците, но подоцна ги врати во притвор. Двајца професори на американскиот универзитет во Авганистан во Кабул, американскиот државјанин Кевин Кинг и Австралиецот Тимоти Викс, требаше да бидат разменети за нив. Талибанците ги киднапирале во 2016 година.