Премиерот Заев на средба со европскиот комесар Аврамопулос
![Премиерот Заев на средба со европскиот комесар Аврамопулос](https://gdb.rferl.org/5472FC36-7CBA-4682-8ACD-1DABB5814DF0_w800_h450.jpg)
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вечерва се сретна со европскиот комесар за миграции, внатрешни работи и државјанство, Димитрис Аврамопулос, придружуван од амбасадорот на ЕУ во земјава, Самуел Жбогар.
На средбата, заеднички е констатирано дека европските интеграции се важни, како за стабилноста на нашата земја, така и на регионот.
"Работиме на спроведувањето на реформите и очекуваме да бидат вреднувани постигнатите резултати, како дома, така и во добрососедските односи. Почетокот на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ ќе овозможи проширување на соработката во борбата со криминалот и корупцијата, што ќе има резултати и на регионално ниво", рече премиерот Заев.
Европскиот комесар Аврамопулос е во Скопје за дводневниот Министерски форум ЕУ – Западен Балкан за правда и внатрешни работи, организиран под покровителство на финското претседателство со ЕУ.