Шест членки на ЕУ бараат проширувањето да продолжи
Шест земји членки на ЕУ се придружија на Франција во повикот до Европската комисија до јануари наредната година да се изработи нова стратегија за што поефикасен процес на пристапни преговори.
За разлика од Франција тие бараат продолжување на процесот на проширување „без непотребни одложувања“.
„Не постои одржлива алтернатива на полноправното членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ, ако сакаме ефикасно да ги заштитиме своите интереси во регионот“, е ставот на министрите за надворешни работи на Австрија, Хрватска, Чешка, Италија, Полска, Словачка и Словенија. Тие испратиле писмо до претседателот во заминување на Европската Комисија, Жан Клод Јункер.
РСЕ има увид во ова писмо, во кое, меѓу другото, се признава дека сегашниот процес на приклучување на Западен Балкан „напредува полека и нерамномерно“.
„Подготвени сме конструктивно да се вклучиме во настојувањето да се подобри овој процес. Тоа ќе го направиме на тој начин што тој потфат ќе се направи на ефикасен начин и ќе биде ориентиран на резултати, а ќе овозможи и ЕУ да постигне консензус за отворање на преговори за пристапување на Албанија и на Северна Македонија во март 2020“, стои во писмото.
Министрите за надворешни работи на шесте земји повторуваат дека во време кога се одбележува 30 годишнината од падот на Железната завеса, со што почна ерата на обединета Европа, „консолидацијата на Европа не може да биде завршена без Западен Балкан“.
„Отвореноста на Европа кон сите европски држави кои ги делат нашите вредност и се подготвени да го прифатат законодавството на ЕУ е најважното за историската мисија на Унијата, а тоа е довршување на европското обединување“, стои во писмото.
Министрите на Австрија, Хрватска, Чешка, Италија, Полска, Словачка и Словенија исто така оценуваат и дека нема сомнеж оти трајната стабилност и сигурност, како и продолжувањето на реформските процеси во регионот најдобро може да се постигнат со интеграција во ЕУ, а процесот на приклучување, според нив, е најважниот инструмент за постигнување на целта.