Протести во Сараево по објавените слики од злоупотреба на деца
Стотици демонстранти се собраа во Сараево за да побараат истрага за кривична одговорност за обвинувањата во јавноста за злоупотреба на деца во установи за нега на малолетници со посебни потреби во Босна и Херцеговина. Тие најавија дека секој ден ќе протестираат се до исполнување на нивните барања.
Протестот доаѓа на само еден ден откако босанската пратеничка Сабина Кудиќ објави фотографии на кои се гледаат деца врзани за кревети и радијатори. Кудиќ која е член на опозициска партија во Собранието изјави дека фотографиите и малите видеа биле снимени во текот на изминатава година во институтот за ментална грижа за деца со посебни потреби во близина на Сараево. Таа посочи дека дел од децата биле третирани како затвореници во установата, додека други биле третирани со лекови што се несоодветни за нивната возраст, па дури и незаконски.
Засега институциите не ја потврдија автентичноста на фотографиите, а мнозинството пратеници бараа да се отфрли повикот на Кудиќ за јавна расправа за ова прашање.