Британската полиција уапси уште еден човек поврзан со жртвите пронајдени во камион
Британската полиција денеска уапсила 23-годишен маж од Северна Ирска, како дел од истрагата за смртта на 39-те Виетнамци, пронајдени во приколка на камион во близина на Лондон минатиот месец.
Од полицијата велат дека уапсениот се сомничи за трговија со луѓе и за заговор за помош при нелегална миграција. Уапсениот останува во притвор, се вели во соопштението на полицијата.
Во камион минатиот месец беа откриени телата на 31 маж и осум жени. Возачот на камионот, кој исто така е од Северна Ирска, е обвинет за убиство на 39 луѓе, за заговор за трговија со луѓе и за перење пари.
Уште еден човек е обвинет за истите дела и британските власти се обидуваат да го екстрадираат од Даблин.
Полицијата исто така трага по двајца браќа од Северна Ирска, а полицијата во Виетнам, пак, уапси 10 луѓе поврзани со случајот.