Договор за новата влада во Косово веднаш по официјалните резултати
Лидерите Движењето Самоопределување (ВВ) и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Албин Курти и Иса Мустафа, денеска разговарале за текот на преговорите на работните групи на двете партии за формирање на новата влада на Косово.
Курти, како лидер на партијата која освои најмногу гласови, се очекува да го добие мандатот за формирање на новата Влада. Тој по состанокот изјави дека со Мустафа имал конструктивен разговор и дека е договорено наредната средба да се одржи веднаш по објавувањето на конечните резултати од гласањето, со цел во најкраток рок да постигнат договор за поделба на ресорите во кабинетот што тој ќе го води.
Мустафа, чија партија, според досегашните неофицијални резултати, освои еден отсто помалку гласови од ВВ, (околу 26 за ВВ, наспроти околу 25 отсто на ЛДК), по состанокот изјави дека со Курти не разговарал за конкретна поделба на ресорите во идната заедничка влада, која, според досегашните изјави од двете партии, ќе има 12 министерства.
Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово ги пребројува гласовите во 1.407 од вкупно 2.547 гласачки места на кои се гласаше на 6 октомври, откако беа прифатени дел од поплаките на учесниците на изборите.
Од ЦИК вчера најавија дека се очекува овој процес, кој започна на 13 ноември, да заврши до недела, 24 ноември, по што ќе бидат објавени конечните резултати и ќе може да се конституира новото Собрание, а потоа и новата Влада на Косово.