Милевски: ЛДП ќе бара отворањето на првото поглавје за ЕУ да биде од екологијата
Либерално демократската партија ќе бара првиот документ што ќе биде отворен за преговори за членство во ЕУ да биде поврзан со поглавјето посветено на екологијата, изјави претседателот на ЛДП, Горан Милевски.
На трибината во Битола „Размислувај различно, либерално кон Европа“, Милевски нагласи дека отворањето на поглавјето за екологија ќе овозможи побрзо отворање на ЕУ-фондовите за екологија.
„Документот што Франција го нуди за пристапни преговори, поглавјата како важен сегмент и фондовите содржани во соодветното поглавје овозможуваат, и затоа ние како партија ќе предложиме, нашата држава да инсистира, а тоа ќе го бараме и од Европската Унија, првото поглавје што треба да се отвори со Република Северна Македонија да биде поглавјето за екологија. Ние сметаме дека час поскоро треба да се отворат фондовите во оваа област. Екологијата е тема и проблем за кој сите треба да се заложиме, тој проблем со сопствени средства не можеме да го решиме и затоа потребни се европските фондови“, рече Милевски.
Претседателот на ЛДП нагласи дека ќе продолжат да појаснуваат зошто е важно на избори да се оди со отворени кандидатски листи, бидејќи, како што рече, на тој начин директно се придонесува за развој на демократските процеси.