Бугарија ќе бара гаранција од ВМРО-ДПМНЕ за Договорот за добрососедство
Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев вели дека ќе бараат гаранции од ВМРО-ДПМНЕ, доколку победи на следните парламентарни избори, дека партија ќе го следи курсот на добрососедството со Бугарија и дека ќе го почитува Договорот за добрососедство. Тој во интервју за бугарско радио вели дека на средбата што заедно со бугарскиот премиер Бојко Борисов ја имале со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на маргините на Конгресот на ЕПП во Загреб, сакале да дознаат дали ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи Договорот за добрососедство со Бугарија, доколку победи на следните парламентарни избори во земјава.
„За жал не добивме јасен одговор и во последниве два дена видовме исклучително непријатни изјави од страна на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, од членови на раководството, кои сееја омраза кон Бугарија. Тоа е апсолутно неприфатливо и убеден сум дека таквото однесување нема да остане“, изјави Ковачев.
Тој вели дека неговата партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), чиј лидер е Борисов, ова прашање ќе го покрене и пред ЕПП.