Град Скопје одвои 50 илјади евра за настраданите во Албанија
Советот на Град Скопје одвои 50 илјади евра помош за настраданите во Албанија. Одлуката е донесена на денешната редовна седница. Градоначалникот Петре Шилегов посочи дека пожарникарите и екипите со термални дронови се уште се во Драч, каде помагаат во пронаоѓање на цивили и расчистувањето на штетите од земјотресот.
Од Владата соопштуваа дека тимови составени од 42 припадници на републичките сили за заштита и спасување, координирани од Дирекцијата за заштита и спасување се во Албанија.
Како што информираат денеска од владината прес-служба, покрај тимовите, ДЗС упати и специјализирана техничка опрема, амбулантно возило, медицинска и техничка опрема, како и најсовремена механизација која се користи за да се дојде до евентуалните преживеани. На терен се и припадници на МВР со куче спасувач специјално тренирано за пронаоѓање преживеани под урнатините.
Досега тимовите лоцираа и извадија од урнатините две починати лица на две локации во срушените згради.
Владата вчера одвои 100 илјади евра помош за Албанија. Помош пратија и од Црвениот крст и неколку општини.