Македонија до Самитот во Лондон ќе назначи амабасадор и воен претставник во НАТО
До самитот на НАТО во Лондон на 3 и 4 декември ќе се знаат новиот амбасадор и новиот воен претставник на Македонија во Алијансата, најавија денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
„Северна Македонија до самитот на НАТО ќе има избран свој воен претставник во Алијансата. Нашите мисии се зајакнуваат – и во дипломатскиот и во одбранбениот дел. До крајот на годината се очекува да имаме и нови простории за нашата мисија“, рече Шекеринска по средбата со шефот на канцеларијата на НАТО во Скопје, полковник Зоран Јанковиќ.
Министерот Димитров очекува во наредните денови да биде завршена работата и околу назначувањето амбасадор во НАТО.
„Тоа ќе биде човек со искуство и со политичка тежина кој достојно ќе преставува во НАТО. Ќе биде исклучително лош сигнал ако полноправното членство го дочекаме со вршител на должност“, рече Димитров. Тој сепак, изрази увереност дека во наредните денови ќе биде назначен амбасадор во Алијансата.