Хелсиншки комитет одбележува 25 години од постоењето
Прашањето за надоместоците во СЈО е покомплексно отколку што изгледа, рече денеска претседателот на Хелсиншки комитет и професор на Правниот факултет при УКИМ Гордан Калајџиев, во изјава за медиуми по одбележувањето на 25 години Хелсиншки комитет.
„Очигледно беше дека веројатно е договорено или на некој начин се чувствувало за потребно, со оглед на ситуацијата во која тие ја вршеа функцијата, изложени дури и на опасност, дека бараат за таа функција посебен надомест. Мислам дека тоа малку е несмасно и проблематично изведено, бидејќи доверливоста спаѓа во нормалните одговорности, тоа е работа на обвинителите и тоа го има секој обвинител, не само овие, и не може да е оправдување за толку високи хонорари“, вели Калајџиев.
Смета дека е проблематично што овие средства се делени и без правилник и дека обвинителката Катица Јанева ги делела, како што рече, малку од ракав и со тоа претпоставува таму правела и раздор, или придобивала поблиски соработници, што смета дека е и малку шпекулација.
Хелсиншки комитет одбележува 25 години од постоењето.
Директорката на Хелсиншкиот комитет за човекови права Уранија Пировска рече дека досега до нив не стигнало барање да го посетат притворениот Бојан Јовановски, кој вчера од притвор беше пренесен во Градската општа болница „8 Септември“.
Вели дека Хелсиншкиот комитет не може како народниот правобранител да влезе во секое време во установите од затворен вид и оти кај нив прво мора да стигне барање од притвореникот односно барање од истражниот судија, кој треба да даде дозвола за да можат да влезат да го посетат притвореникот.