Екстрадиран Игор Спасов, осуден за убиството на Мартин Нешковски
![Екстрадиран Игор Спасов, осуден за убиството на Мартин Нешковски](https://gdb.rferl.org/00F345D3-9EEB-4C32-AE32-9E841EF925DE_w800_h450.jpg)
Поранешниот полициски службеник Игор Спасов денеска беше екстрадиран од Бугарија во Македонија и вратен во затворот Идризово на доиздржување на 14-годишната затворска казна што му е одредена за убиството на тинејџерот Мартин Нешковски на 5 јуни 2011 година на скопскиот плоштад, за време на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ на тогашните предвремени парламентарни избори.
Екстрадицијата на Спасов следи откако тој на 1 февруари годинава беше приведен од страна на бугарската полиција во Софија по пријава за семејно насилство. Според соопштението од македонското Министерство за правда, Градскиот суд во Софија на 26 февруари донел одлука за итна екстрадиција на Спасов во Македонија, а по барање на министерот за правда Бојан Маричиќ, поднесена на 10 февруари.
Осудениот за убиството на Нешкоски, Игор Спасов приведен во Софија
Спасов за македонските истражни органи стана недостапен во 2019-та кога го напушти затворот во Идризово поради здравствени проблеми и потреба од операција и оттогаш му се изгуби секаква трага. За издржување на затворската казна на Спасов му преостануваат уште 7 години и 3 месеци.