Папата се сретна со Големиот Ајатолах Али ал-Систани
Папата Франциск се сретна со еден од највисоките шиитски свештеници во светот, историска средба со што се одржа за време на првата посета на еден католички лидер на Ирак.
Денешната средба со Големиот Ајатолах Али ал-Систани се случи во градот Наџаф, каде што Папата испрати порака за мирен соживот меѓу муслиманите и христијанското малцинство во Ирак.
Посетата беше пренесувана на ирачката телевизија, а жителите ја поздравија средбата меѓу двајцата верски лидери. Ал-Систани е почитувана личност во доминантно шиитскиот Ирак, како и меѓу шиитите ширум светот.
По средбата зад затворени врати, Ал-Систани издаде соопштение во кое вели дека ирачките христијани треба да живеат во мир и да ги уживаат истите права со останатите Ирачани.
Ватикан во меѓувреме соопшти дека Папата Франциск му се заблагодарил на Ал-Систани и на шиитите за „кревање на гласот во одбрана на најслабите и најпрогонуваните“.
Ирачките христијани, меѓу кои православни, халдејски католици и други, некогаш претставуваа значително малцинство во Ирак, а нивната бројка се проценуваше на околу 1,4 милиони луѓе, но тој број почна да опаѓа по американската инвазија од 2003 година, кога во повоените превирања сунитските милиции често ги напаѓаа христијаните.
Кога милитантите на Исламската држава го освоија Северен Ирак во 2014 година, многумина христијани избегаа од земјата. Проценките се дека сега во земјата има помалку од 300 илјади, многумина раселени од своите домови.
Папата пристигна во Ирак - Историска средба на „минариња и ѕвона“
Други доминантно муслимански земји кои ги посети Папата Франциск се Турција, Јордан, Азербејџан и палестинските територии.
По средбата со Ал-Систани, Папата Франциск треба да го посети античкиот град Ур во јужен Ирак, родното место на Аврам, кој се смета за татко на јудаизмот, христијанството и исламот.