Опозициските партии обвинуваат дека владата не е способна да набави вакцини
Од ВМРО-ДПМНЕ и од Коалицијата Алтернатива – Алијанса на Aлбанците денеска реагираа дека Владата не е способна да набави вакцини.
На прес-конфернеција Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека со набавката на вакцини се случува дебакл и фијаско.
„За една година, за една цела година колку што имаа можност да нарачаат и да набават вакцини, тие само добија една кутија милостина со просење, и ништо повеќе“, рече тој.
Ѓорчев набројуваше кои сè земји добиле огромни количини вакцини, а во Македонија се уште нема. Според него одговорноста зошто нема вакцини ја плаќаат граѓаните со животи. Затоа побара од премиерот Зоран Заев и од министерот за здравство Венко Филипче да си поднесат оставка.
Има слободни кревети за ковид-пациентите
И Коалацијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, исто така, обвини дека Владата не е способна да обезбеди вакцини против ковид за граѓаните.
И од Коалацијата наведуваат дека другите земји обезбедиле вакцини, но, како наведуваат, граѓаните на Северна Македонија уште еднаш слушнаа само празни зборови и ветувања. Според Алијансата и Алтернатива бесконечното пролонгирање на имунизацијата на населението, покрај тоа што директно ги загрозува животите на граѓаните, ги намалува и надежите за постепено отворање на државата и домашната економија.
Од СДСМ преку соопштение реагираа дека ВМРО-ДПМНЕ залудно се обидува да профитира сеејќи страв и паника кај граѓаните со пресовите за вакцините. Од владејачката партија велат дека наредната недела започнува вакцинацијата.
Вакцинацијата во земјава почна на 17 февруари годинава и досега се вакцинирани околу 3.500 здравствени работници со вакцината на „Фајзер“. Македонија од Србија доби 8000 дози од фајзеровата вакцина. Тоа засега се единствените дози.
Утре во земјава треба по ДХЛ да стигнат првите количини од руската вакцина Спутник V, кои се наменети за три илјади граѓани. Вакцинацијата со тие вакцини многу веројатно треба за започне во среда, рече министерот за здравство Венко Филипче.