Османи: Одложување на преговорите со ЕУ сериозна геостратешка грешка
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи во интервју за шпанската новинска агенција ЕФЕ и магазинот Еурактив изјави дека земјата станала лакмусов тест за кредибилитетот на процесот на проширување на ЕУ.
„Одложувањето на почетокот на преговорите, кои ја засегаат и Албанија, би било сериозна геостратешка грешка бидејќи ќе има последици за целиот балкански регион“, вели Османи.
Османи уверен дека несогласувањата со Софија ќе се надминат
Тој воедно смета дека по парламентарните избори во Бугарија во април ќе се отвори патот за порационален пристап што ќе овозможи решавање на билатералните разлики. Османи посочува и дека сите земји-членки на ЕУ, со исклучок на Бугарија, го поддржуваат текстот предложен од Европската комисија за рамката за преговори со која формално ќе се воспостави пристапниот дијалог.
„Важно е текстот на преоговарачката рамка да биде усвоен што е можно побрзо, и се надеваме дека тоа ќе се случи на Европскиот совет закажан за јуни“, порачува Османи.
Гир: Фрустрацијата ја разбирам, но удвојте ги напорите со Бугарија
Бугарија лани во декември стави вето на преговарачката рамка на Македонија и ЕУ, повикувајќи се на тоа дека Скопје не го исполнува Договорот за добрососедство, но, инсистира и на признавање на бугарски корени на македонскиот идентитет и јазик, нешто што според премиерот Заев, е македонска црвена линија и „за тоа нема преговори“.