ВМРО-ДПМНЕ: Шилегов дава милион денари на партнерот на Царовска за снимање шуми
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски денеска изјави дека за време на најголемата здравствена и социоекономска криза, пред две недели фирмата Флај Кем, на партнерот на министерката за образование Мила Царовска потпишала договор со Град Скопје за снимање со дрон за 1.340 евра за прелетан километар квадратен над Скопје. Вкупната сума на договорот потпишан до градоначалникот Петре Шилегов, како што посочи тој, е милион денари.
Уште поинтересен факт од договорот, според Стоилковски е причината за неговото потпишување, осносно услуга за изнајмување на опрема за висинско набљудување на шумски површини во скопската котлина- за рана детекција на растителни болести.
„Уште повеќе сомнежот за можна злоупотреба е поголем затоа што ваквите договори се повторуваат, на пример, истата фирма беше ангажирана од Шилегов во мај 2019 година, за снимање на диви депонии во Скопје, за речиси иста сума од милион денари за една година, а во тој период се одвиваа избори“, рече Стоилковски.
Од Град Скопје реагираат дека во неполни 3.5 години, од кои една е во услови на светска пандемија, Градот и градоначалникот успеале во рекордно време да завршат четири нови булевари, реконструираат цел клинички центар и да изградат монтажната болница. Од општината ги набројуваат и проектите за изградба на велопатеки, зелени површини, уредувањето на запуштени јавни простори и зелени покриви, како и новите автобуси на гас и расчистувњето на кејот на Вардар.
„Кога после 30 години управување со Град Скопје, градоначалникот Шилегов успеа за само три години да го доведе градот пред набавка на трамвај на тркала, логично е дека оваа партија ќе нема што друго да прави освен да измислува скандали и да пласира лажни вести. Ако се има сево ова предвид, тогаш е јасно зошто ВМРО-ДПМНЕ вештачки се обидува да креира наводни скандали, бидејќи и нив им е јасно дека ќе добијат поразителна порака на следните локални избори. Им порачуваме да почнат да си го сакаат градот во кој што живеат, да почнат да работат за него и да престанат да шират лаги“, наведуваат од Град Скопје.