Џафери: Прво дневен ред за 36. седница, па приоритетни антиковид закони
Претседателот на Собранието Талат Џафери засега останува на ставот дека пратениците треба најнапред да го изгласаат дневниот ред на 36. седница и притоа да се утврдат приоритетни точки за гласање, а не, како што бара ВМРО-ДПМНЕ, да се одржи посебна седница на која би се изгласале одлуката за продолжување на кризната состојба на јужната и на северната граница и трите закони поврзани со антикризните мерки за Ковид-19.
Од Кабинетот на Џафери за МИА велат дека на прес-конференцијата во понеделникот претседателот на законодавниот дом образложил зошто мора да биде така повикувајќи се на членови на Деловникот за работа на Собранието, и оти на дополнителни прашања во врска со оваа тема ќе одговара на утрешниот редовен брифинг со новинарите.
„Пленарните седници се свикуваат врз основа на членот 68 од Деловникот за работа на Собранието. Јас сум ја свикал седницата на 9-ти за да се одржи на 23-ти“. рече Џафери на прес-конференцијата во понеделникот, нагласувајќи дека не прифаќа ултимативни барања од опозицијата.
Денеска премиерот Зоран Заев од Велес најави дека утре ќе има средба со спикерот Џафери и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за одблокирање на работата на Собранието.