Заев, Џафери и Ахмети утре на средба за деблокирање на Собранието
Премиерот Зоран Заев денеска најави дека утре ќе одржи средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и со лидерот на ДУИ Али Ахмети, за да се разгледаат можностите како да се одблокира работата на Собранието. Тој рече оти се надева дека блокадата на Парламентот е од времен карактер поради позитивни пратеници на Ковид-19, по чие враќање ќе се стави во функција Собранието за поголем дел од точките на дневен ред и поважните закони.
„Да се блокираат законите што живот значат за помош за последиците од пандемијата е навистина неразумно и верувам дека ќе има разумност. Во четврток се пратенички прашања во Собранието. Јас ќе одржам состанок со претседателот на Собранието, веројатно и со претседателот на ДУИ да разгледаме одредени можности што ни стојат на располагање за да го одблокираме Собранието“, рече Заев, по посетата на фабриката „Брако“ во Велес.
Мицкоски со предлог до Џафери како да се одблокира Собранието
Претходно, претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, излезе со понуда до собранискиот спикер Џафери за деблокада на работата на Собранието. Тој предлага Џафери пред утрешната седница за пратенички прашања да свика седница на која ќе се изгласаат четири закони кои се, како што вели, од интерес за граѓаните, стопанството и поврзани со кризната состојба.
Џафери контра ВМРО-ДПМНЕ : Не прифаќам ултиматум за посебна седница
Вчера Џафери ја обвини опозицијата дека „ја злоупотребува здравствената состојба на пратениците, во услови на Ковид-19, и оти пред него се поставуваат ултимативни предлози што не може да ги прифати“. Ова тој го изјави, како што рече, по барањето од координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, „на седницата да се разгледуваат само опциите за продолжување на кризната состојба и трите точки поврзани со мерките за Ковид-19, а не и другите 26“.