Државниот врв одбележува една година од членството во НАТО
Функционери на Северна Македонија денеска одбележуваат една година од членството на земјата во НАТО. Централната свеченост се одржува во касарната „Илинден“ во Скопје.
Според министерката за одбрана Радмила Шекеринска членството на Северна Македонија во НАТО е „најголемо достигнување во нашата историја како независна држава.“
„Достигнување кое значи препознатливост во светот, стабилност и безбедност. Безбедност која нуди шанса за просперитет“, вели Шекеринска.
Една година во НАТО- безбедносно стабилни, економски слаби
Претседателот на Собранието Талат Џафери на граѓаните и на институциите им го честиташе членството во Алијансата. Тој рече дека сите минати влади и политички чинители и актуелните политички гарнитури, ја дале својата поддршка за земјата да стане 30-та членка на „најмоќниот воено-политички сојуз.“
„Ние сме подготвени за иднината – Северна Македонија во НАТО 2030“, напиша во честитката Џафери.
Инаку, деновиве и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг истакна дека Македонија е високо ценета членка на НАТО која има значаен придонес во мисиите и операциите на Алијансата. Тој напомена дека македонските војници покажале, храброст, посветеност и професионалност во извршувањето на сите свои задачи.