Пендаровски до Филипче: Тешко дека сликите од Србија се за фалење
Претседателот Стево Пендаровски во целост се согласува со изјавата на министерот за здравство, Венко Филипче дека сликите од Србија изминатиот викенд се израз на солидарност, но, тоа е солидарност која државата Србија ја покажа кон десетина илјади наши граѓани.
„Меѓутоа, тешко дека тие слики на наши граѓани кои бараат здравствена заштита во странство, откако не ја добија во сопствената земја, се за фалење“ посочи во писмената реакција претседателот Пендаровски.
Филипче му реплицира на Пендаровски: Сликите од Србија не се срам
До ова доаѓа откако Филипче во писмена реакција посочи дека е изненаден од коментарот на Пендаровски дека вакцинирањето на македонските граѓани во Србија во изминатиот викенд е „срам за нашата држава“ и „такви слики не смеат да се повторат“.
„Сликите од Србија не се срам, тоа е одраз на солидарност во услови на криза. Покрај нашите граѓани се вакцинираа и граѓани на соседните земји, но ниеден претседател не рече дека е тоа срам за неговата земја“ е наведено во писмената реакција од министерството за здравство.
Во неа е посочено дека македонската Влада прави максимални напори за да обезбеди вакцини, и дека вакцинацијата во земјава почнува утре.
„Претседателот на државата како институција исто така би требало да игра значајна улога во сите овие процеси на набавки. За жал, конкретна поддршка од Пендаровски изостана“ се вели во реакцијата.
Пендаровски: Благодарност за Србија за вакцините, но тоа е срам за Македонија
На ова во писмената реакција од Кабинетот на Претседателот е посочено дека Пендаровски е крајно зачуден што министерот Филипче свесно не го споменува фактот дека првичните контакти со најголемите фармацевтски компании, кон крајот на декември минатата година се направени преку Кабинетот на претседателот и од тогаш до денес претседателот Пендаровски е активно вклучен преку дипломатските канали во процесот за набавка на вакцините, што инаку е примарна надлежност токму на министерот за здравство.