Филипче му реплицира на Пендаровски: Сликите од Србија не се срам
Министерот за здравство Венко Филипче е изненаден од изјавата на претседателот Стево Пендаровски дека вакцинирањето на македонските граѓани во Србија во изминатиот викенд е „срам за нашата држава“ и „такви слики не смеат да се повторат“.
„Сликите од Србија не се срам, тоа е одраз на солидарност во услови на криза. Покрај нашите граѓани се вакцинираа и граѓани на соседните земји, но ниеден претседател не рече дека е тоа срам за неговата земја“ е наведено во писмената реакција од министерството за здравство.
Во неа е посочено дека македонската Влада прави максимални напори за да обезбеди вакцини, и дека вакцинацијата во земјава почнува утре.
„Претседателот на државата како институција исто така би требало да игра значајна улога во сите овие процеси на набавки. За жал, конкретна поддршка од Пендаровски изостана“ се вели во реакцијата.
Пендаровски: Благодарност за Србија за вакцините, но тоа е срам за Македонија
Претходно претседателот Пендаровски по денешната седница на Советот за безбедност, ѝ се заблагодари на Србија за вакцинирањето на македонски граѓани изминатиот викенд, но додаде дека „тоа е срам за нашата држава“.
Балканот на вакцинација во Србија
Претседателот заклучи дека „е точно дека верувавме во КОВАКС системот и во солидарниот фонд на Европската унија, но тие задоцнија со месеци, како и дека е точно 80 отсто од вакцините се распределени во 10 отсто од земјите, но тоа не треба да биде оправдување“.