МНР потврди, убиените во Грција се македонски државјани
Македонската амбасада во Атина стапи во контакт со грчката полиција по информацијата за убиството во Халкидики Грција, при што е потврдена информацијата дека во хотелска соба било пукано врз двајца македонски државјани.
Двајцата биле однесени во општата болница на Халкидики, каде едниот им подлегнал на повредите, додека другиот поради тежината на повредите е транспортиран во друга болница, во Полигирос.
Според информациите на Aмбасадатa, како што додава Министерството, на местото на настанот моментално се наоѓаат повеќе тимови на грчката полиција и работат на расчистување на околностите на настанот.
Претходно, грчките медиуми јавија дека 39-годишен македонски државјанин е убиен, а ранет е 45-годишен македонски државјанин откако непознати маскирани лица пукале во сместувањето во кое се наоѓале во Ханиоти на Халкидики.
Според грчките медиуми околу 3.30 часот по локално време, непознати лица, маскирани со качулки маски, однадвор отвориле оган кон собата во која биле сместени убиениот и повредениот.
Од пукањето, 39-годишниот им подлегнал на повредите, а 45-годишниот е хоспитализиран во болницата во Полигиро.
Во сместувањето се наоѓале и други лица, кои не се повредени.
Според информациите на МИА, непознатите сторители веднаш побегнале од местото, а полицијата е на терен, работи на случајот, како и на нивно пронаоѓање.