Кратко невреме со град го зафати Пробиштип
По 17 часот најавеното невреме го зафати Пробиштип. Граѓаните на социјалните мрежи објавуваат фотографии и видео снимки на кои се гледа дека невремето, проследено со силен ветар и град. Како што велат, невремето траело кратко околу пет до десет минути.
Локалната власт се уште нема информации дали има штети на инфраструктурата и на домаќинствата, а исто така и на земјоделските површини.
Невреме беше најавено поладнево во земјава, вклучително во Скопје, со пороен дожд, електрични празнења и силен ветер, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
„Поради насобраната голема енергија во атмосферата и благо зголемената влажност над нашето подрачје, денеска во попладневните часови во северните делови ќе има услови за локално невреме со интензивен пороен дожд и електрични празнења, силен ветер над 70 километри на час и појава на град“, велат од УХМР.
Според информациите, во делови од Скопската Котлина ќе има услови за невреме со силен ветер, дожд, електрични празнења и појава на град.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски попладново упати апел до граѓаните да бидат претпазливи и да внимаваат во периоди на поројни дождови.
„Избегнувајте движење надвор додека трае невремето, затворете ги прозорците и доколку во вашиот објект протекува, соодветно обезбедете го“, вели Герасимовски.
Од Општина Центар истакнуваат дека членовите на Штабот за заштита и спасување се во комуникација и координација, а општинските служби ја следат состојбата и спремни се да одговорат со сите расположливи ресурси на терен.
„Упатувам апел до граѓаните да бидат претпазливи и да внимаваат во периоди на поројни дождови. Избегнувајте движење надвор додека трае невремето, затворете ги прозорците и доколку во вашиот објект протекува, соодветно обезбедете го“, вели градоначалникот Горан Герасимовски во пишана изјава.
Деновиве целиот регион беше погоден од силно невреме. Во делови од Србија, Хрватска, БиХ и Словенија силен дожд, ветер и град предизвикаа сериоани штети, а имаше жртви и повредени.