Пожари кај Демирхисар и Дојран
Се шири силниот пожар што попладнево ја зафати околината на Дојран и тој е дојден пред селото Николиќ, а секој момент се очекува поддршка за гаснење од хеликоптер на МВР со ведро од три тони.
Според градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, пожарот бргу се шири и упатено е барање од нивна страна за подршка за гаснење од возух.
„Очекуваме секој момент да дојде поддршката од хеликоптер, а пожарот се шири со голема брзина. Пожарот го гаснат пожарникари од Дојран, Валандово, Гевгелија и екипи на ЈП „Национални шуми“, но теренот е непристапен и тешко оди смирувањето на огнената стихија“, изјави за МИА градоначалникот Ангов.
Според информацијата од Центарот за управување со кризи (ЦУК), постои опасност од брзо ширење на пожарот заради ветрот и оттаму потврдуваат дека е упатен големиот хеликоптер на МВР со ведро од три тони.
Во меѓувреме пожар пламнал и кај селото Сопотница, Демихисарско. Поради опасност огнот да навлезе во висококвалитетна шума, кон местото е тргнат еден авион „ертрактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Според информациите од ЦУК, сè уште трае и битката со пожарот во непосредна близина на Свети Николе, кај местото Кривчева река.