Папата повика на мир во Велигденската порака
![Папата повика на мир во Велигденската порака](https://gdb.rferl.org/CD472D71-9294-4FD5-BE28-FB73F07BCB0A_w800_h450.jpg)
Папата Франциско во својата порака за Велигден повика на мир во целиот свет, " ставање крај на масакрот во Сирија", како и "помирувањето" помеѓу Палестинците и Израелците. Тој ги упати повиците во традиционалната порака од балконот на базиликата "Свети Петар", на најсветиот ден во христијанскиот календар, кој го слави Христовото воскресение. Папата вели дека пораката за воскресението дава надеж во светот "обележан со толку многу дела на неправда и насилство". Тој изрази надеж дека меѓусебното почитување "ќе преовлада над поделбите" во Јемен и целиот Блиски Исток. Папата повика на нови чекори за хармонија во Украина, каде во борбите меѓу владините сили и сепаратистите поддржани од Русија од април 2014 година загинаа повеќе од 10.300 луѓе. Франциско , исто така, го спомна Корејскиот полуостров, повикувајќи ги "оние кои се директно одговорни да дејствуваат со мудрост и проникливост за промовирање на доброто на корејскиот народ ".