ВМРО-ДПМНЕ бара недоверба во Владата оти работи само за партиски интереси
![ВМРО-ДПМНЕ бара недоверба во Владата оти работи само за партиски интереси](https://gdb.rferl.org/953F52CD-9E93-42BE-9D9D-31CDC01D66F6_w800_h450.jpg)
Собранието денеска го објави барањето за гласање на доверба на Владата поднесено од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и потпишано од 41 пратеник на партијата. Во образложението се наведува дека Владата предводена од СДСМ и ДУИ во изминатиот период покажала дека нема капацитет за водење на институциите кои се под извршната власт.
„Оваа Влада наместо да се зафати со решавање на реалните проблеми и потреби на граѓаните на Република Македонија како што ветуваа во предизборието, тие работат исклучиво за остварување на партиските потреби и интереси“, се наведува во документот поднесен од ВМРО-ДПМНЕ.
Според опозициската партија, единствени проекти коишто ги спровела Владата, како што е наведено, се нагло партизирање на институциите и нивно деградирање, заробено судство, како и луксузирање на владините функционери со парите на граѓаните и политички реваншизам.
На собраниската веб-страна засега не е закажана седницата на која треба да се гласа за доверба на Владата, но најверојатно точката ќе биде ставена на дневен ред в среда.