Трамп и порача на Русија дека доаѓаат ракетите за Сирија
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ракетниот напад врз Сирија можеби ќе биде неизбежен предупредувајќи ја Русија да биде подготвена.
„Русија предупреди дека ќе ги собори сите ракети истрелани кон Сирија. Подготви се Русија, бидејќи тие ќе доаѓаат, фини, нови и паметни. Вие не треба да бидете партнери со животно кое со гас убива луѓе и ужива во тоа“, напиша Трамп на Твитер.
Пораката на Трамп на социјалната мрежа се однесува на сирискиот претседател Башар Ал Асад чии владини сили извршија хемиски напад во градот Дума, кој е под контрола на бунтовниците.
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков претходно ги повика САД да не спроведуваат ракетен напад врз Сирија, бидејќи тоа може да доведе до дестабилизација на Блискиот Исток.