Туск: Има промена на политичкиот менталитет во Македонија
Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск на заедничката прес конференција со премиерот Зоран Заев во Скопје порача дека чувствува промена во политичкиот менталитет и вистинска политичка волја за придвижување на евроатланската интеграција на Македонија, како и храбро лидерство насочено кон иднината.
Според него, препораката за отпочнување на преговори на Македонија со ЕУ е најдобриот доказ дека напорите на граѓаните и на властите импресионираат во Европа. Туск посочи дека претстојниот самит во Софија во мај треба да донесе нова енергија во односите и треба пред се да ја реафирмира европската перспектива на регионот.
„Со Бугарија докажавте дека кога постои волја да се надминат духовите од минатото, постои начин да се оди кон иднината. Се надевам дека истото ќе постигнете со Грција. Ја имате мојата безусловна поддршка и јас верувам во вас“, рече Туск.
Заев изјави дека посетата на Туск е големо признание, охрабрување, но и одговорност. Тој порача дека нема време за опуштање, а реформите ќе станат поконкретни, повидливи и поефикасни.