На „крвавиот“ четврток имало двојно помалку полицајци од претходно
На состаноците во МВР при изготвувањето на плановите за начините на делување за време на протестите на движењето „За заедничка Македонија“ било укажувано дека се потребни повеќе полицајци за да можат да се справат со ситуацијата. Ова попладнево во Кривичниот суд го сведочеше помошникот началник за општа безбедност при СВР Скопје Кирил Бошковски.
Тој на рочиштето за настаните од 27 април во македонското Собрание рече дека на состаноците полицијата разгледувала неколку сценарија, меѓу кои и што да прават ако има протест со употреба на оружје, но не била разгледувана можноста за тоа како да реагираат и да се направи план ако дел од масата влезе во Собранието. Причина за тоа бил фактот што структурите задолжени за обезбедување на витални објекти ги убедувале дека со жива сила не може да се пробијат вратите на Собранието ако тие се соодветно обезбедени.
Од почеток на протестите се до 27 април, СВР Скопје, според сведочењето на Бошковски, ги ангажирал максималните полициски сили кои ги имале на располагање. Во деновите претходно таа бројка била пет полициски вода, односно 150 полицајци и уште толку дополнителни сили во приправност. На 27 април, СВР Скопје располагало со 90 полициски службеници и само два вода, односно 60-тина резервни полицајци.
Во Кривичен се уште трае сведочењето за 27 април.