Одбиено активирањето на условната пресуда на градоначалникот на Ново Село
Кривичниот совет при судот во Струмица го отфрли барањето за градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев да се упати на издржување на казна затвор од две години за кривично дело „проневера во службата“ за кое бил осуден во 2015 година.
Стојчев неодамна поднесе оставка на функцијата откако на 10 јули годинава беше фатен во обид за шверц на цигари. За ова кривично дело Основниот суд во Струмица му изрече казна затвор во траење од 18 месеци. По жалбата на одбраната, Апелацискиот суд во Штип ја намали казната на шест месеци затвор.
Според Кривичниот совет, предлогот на обвинителството требало да се достави додека траела постапката која се водела против Стојчев за новото кривично дело.