Бугарското МВР: засега нема докази дека убиството на новинарката е за нејзината работа
Највисокиот полициски претставник во Бугарија соопшти дека засега нема докази кои укажуваат дека убиството на новинарката Викторија Маринова било поврзано со нејзината работа.
„Се работи за силување и убиство“, изјави бугарскиот министер за внатрешни работи Младен Маринов кој денеска отпатува во северниот град Русе да ја надгледува истрагата за убиството на новинарката Викторија Маринова. Нејзиното тело беше најдено на 6 октомври во парк во близина на реката Дунав во Русе.
Полицијата соопшти дека таа била брутално тепана, силувана и задавена, а оти истрагата била фокусирана на нејзиниот приватен и професионален живот.
Нејзината смрт веднаш предизвика меѓународна осуда и повици за целосна и темелна истрага.