Севена Ирска нефлексибилна во преговорите за Брегзит
![Севена Ирска нефлексибилна во преговорите за Брегзит](https://gdb.rferl.org/C97F57FD-164A-4FEA-A4EF-64E4E15FCDCD_w800_h450.jpg)
Арлин Фостер, шефицата на Демократската унионистичка партија (ДУП) на Северна Ирска и клучен фактор во коалицијата на британската премиерка Тереза Меј, по средбата со главниот европски преговарач, Мишел Барние, во Брисел денеска, повтори дека останува црсто на својата позиција.
“ДУП е против секакви царински бариери помеѓу Северна Ирска и Велика Британија, што дополнително ги комплицира преговорите за Брегзит. Се противиме на секаков предлог кој ќе нѐ третира различно од остатокот од Велика Британија, во смисла на царини или на регулаторно усогласување,” рече Фостер.
Едно од најтешките поглавја во преговорите за напуштањето на ЕУ на Велика Британија е границата помеѓу Република Ирска, членка на ЕУ и Северна Ирска, дел од Велика Британија.
За ЕУ е важно да се сочува интегритетот на внатрешниот европски пазар, односно стандардите кои ги наметнува ЕУ за своите производи и услуги, но истовремено е важно да не се постави тврда граница на ирскиот остров, од економски како и од историски причини.
Со денешната изјава на Фостер се комплицираат преговорите за Брегзит како и просторот за компромис за Тереза Меј, бидејќи ДУП е клучен коалициски партнер на веќе ослабената британска влада на премиерката.