Уапсен осомничен во Германија за убиството на бугарската новинарка
Полицијата во Германија уапси едно лице во врска со силувањето и убиството на бугарската новинарка Викторија Маринова, соопштија властите во Бугарија.
Министерот за внатрешни работи Младен Маринов денеска изјави дека лицето е уапсено доцна синоќа на барање на бугарските власти.
„Постои физички доказ за поврзаност со убиството“, изјави Маринов додавајќи дека истражителите пронашле ДНК доказ на облеката и на телото на Маринова.
Министерот рече дека истражителите разговарале со семејството и пријателите на Маринова и дека нема „очигледна врска“ со нејзината работа како новинарка.
Телото на Маринова беше најдено на 6 октомври во парк во бугарскиот град Русе. Полицијата соопшти дека 30-годишната новинарка била брутално претепана, силувана и задавена.
„Во оваа фаза не веруваме дека убиството е поврзано „со работата на Маринова“, изјави шефот на бугарското обвинителство Сотир Цацаров.
Бугарските власти го идентификуваа осомничениот како Северин Красимов – бугарски државјанин и жител на Русе, но не прецизираа каде точно во Германија е уапсен. Маринов рече дека осомничениот имал криминално досие за кражба на старо железо.