Болтон во посета на Русија и кавкаските држави
Американскиот советник за национална безбедност, Џон Болтон, соопшти дека од 20 октомври ја започнува турнејата на која ќе ги посети Русија, Азербејџан, Ерменија и Грузија.
Тој на својот профил на Твитер објави дека за време на турнејата ќе разговара со високи официјални претставници на овие земји за, како што пишува, да ги унапреди американските интереси за голем број безбедносни прашања.
Руската новинска агенција РИА објави дека рускиот секретар за безбедност, Николај Патрушев, планира да се сретне со Болтон 22 и 23 октомври.
Планираната посета на Болтон во Русија доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Вашингтон и Москва поради руските акции во Украина и во Сирија, како и поради наводното мешање на Кремљ на изборите во САД.
Во август Болтон му рече на Патрушев дека САД „нема да толерираат мешање“ на претстојните американски избори. Тој исто така рече дека американските санкции за Русија ќе останат на сила, сè додека Москва не го промени своето однесување.
Грузискиот министер за надворешни работи Мамука Бахтадзе изјави дека посетата на Болтон на Грузија „дополнително ќе го зајакне големото пријателство и стратешко партнерство меѓу САД и Грузија“.