ВМРО-ДПМНЕ бара правда, а не амнестија за 27 април
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара правда, а не амнестија за обвинетите за 27 април, рече генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев на прес конференција за понуденото помирување од страна на премиерот Зоран Заев за настаните на 27 април, минатата година.
„Не станува збор за амнестија, туку за правда во еден голем и монтиран случај“, рече тој запрашан дали ја отфрлаат понудата на Заев.
За да има амнестија, треба да претпоставиме дека сите оние кои се обвинети се виновни, вели Јанушев.Тој вели дека по изјавата на Заев нема реакција од Судот и од Обвинителството, па тоа според него, само докажува дека се продолжена рака на власта.
„Власта не е само за 27 април, туку и за други луѓе од ВМРО-ДПМНЕ води политичка хајка само за да тргува за нивната слобода. Тоа е крајно неморално и крајно неетички. На тие што им се суди им е потреба правда, а правда и правичност и е потреба и на Македонија, потреба е правда, а не политички монтирани случаи. Заев треба да им се извини на семејствата кои се под политички прогон, ова мора да престане и само така може да има помирување“, рече Јанушев.
ВМРО-ДПМНЕ бара нова обвинителска институција која ќе ги истражи сите случаи каде има сомнеж за нарушување на законот и која ќе работи непристрасно.
„Ева прилика за Заев, да покаже дека ако е за вистинско помирување и за правда без никакво условување - ослободете ги луѓето од политичкиот прогон и од притвор и овозможете правда за овие луѓе со гаранција за пресумпција на невиност“, рече Јанушев.