Пендаровски: Македонија би учествувала во буџетот на НАТО со 600-700 илјади евра
Националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, по првата рунда пристапни преговори за членство во НАТО, изјави дека е пресметана стапката на македонскиот придонес во буџетот за НАТО, откако таа ќе стане членка на Алијансата.
„Нашата формула е 0,0721 отсто од буџетот на НАТО. Ќе ме прашате колку е тоа. Треба прво да видиме колку е буџетот на НАТО, затоа што зависи од контрибуциите на сите 29 земји членки. Меѓутоа нашата контрибуција не би требало поголема од 600-700 илјади евра. Гледајќи според последните компаративни примери на Црна Гора и Хрватска, кои тука се плус-минус слични со нас по големина и со економиите“, изјави Пендаровски.
Точната сума сѐ уште не е позната, вели Пендаровски и додава дека не се очекува таа сума да биде поразлична од проекциите меѓу 600 и 700 илјади евра и ќе биде позната на крајот на фискалната година.
Пендаровски вели дека Македонија презела обврска до 2024 година да ја зголеми буџетската стапка посветена на одбраната на земјата на 2 отсто. Моментално таа изнесува околу 1 отсто.