Венецијанската комисија ќе ги разгледува измените на Законот за судовите
Венецијанската комисија денеска во Венеција ќе ја одржи 116-та пленарна сесија на која ќе учествува и министерката за правда Рената Дескоска. Таа ќе има состаноци со членовите на Венецијанската комисија и ќе се обрати на пленарната сесија на која ќе биде разгледано и усвоено Нацрт-мислењето на Венецијанската комисија за Законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет и Законот за судовите, соопшти Министерството за правда.
Се очекува последните измени и дополнувања на Законот за судски совет и законот за судови да бидат оценети позитивно, според Нацрт мислењето кое беше доставено до Министерството за правда.
Во ова мислење е наведено дека новите институционални аранжмани и процедурални правила на подобар начин ја заштитуваат судската независност и поставуваат цврсти темели за добро функционирање на судскиот систем. Во мислењето кое се очекува да биде усвоено денес, ќе бидат дадени и насоки за понатамошно подобрување на текстот на законите.