Одложени парламентарните избори во авганистанската провинција Кандахар
Парламентарните избори во јужната авганистанска провинција Кандахар кои требаше да се одржат на 20 октомври, ќе бидат одложени за една недела по убиството на моќниот провинциски полициски командант, соопшти на Твитер Харун Чахансори - портпарол на претседателот Ашрав Гани.
„Во согласност со членот 104 од Законот за избори, Советот за безбедност го прифати предлогот и парламентарните избори во провинцијата Кандахар се одложени за една недела“, изјави за РСЕ Хафизула Хашими – портпарол на Независната изборна комисија.
Хашими рече дека одлуката за одложување на изборите била донесена бидејќи луѓето во Кандахар биле „морално неподготвени да гласаат“ по смртта на генералот Абдул Разик, кој беше убиен на 17 октомври од непријателски телохранител на друг висок функционер.
Талибанците ја презедоа одговорноста за нападот.