Собраниската седница за уставните измени се уште не почна
Собраниската седница на која се очекува да се гласа за пристапување кон уставните измени согласно Договорот од Преспа се уште не почна иако нејзиниот почеток беше закажан за во 15.00 часот. Нема официјално известување на што се должи доцнењето.
Претходно дел медиуми објавија дека е обезбедено двотретинско мнозинство потребно за да се пристапи кон уставни измени. Владиното мнозинство има 72-јца пратеници, што значи дека уште најмалку осум од ВМРО-ДПМНЕ и нејзината коалиција би требало да гласаат за да почне процедурата за измените на Уставот.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски на прес конференција рече дека нивната пратеничка група бара од претседателот на Собранието Талат Џафери, без дополнително одлагање да ја стави на изјаснување точката за пристапување кон уставни измени.
„Ние како пратеници ќе го кажеме нашиот став и ќе гласаме согласно волјата на народот изразена преку пропаднатиот референдум и недавањето на мандат за уставни измени“, рече Милошоски.
СДСМ, пак, во партиското соопштение наведе дека “раководството на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски денеска одново покажаа дека по секоја цена сакаат да ја блокираат иднината на Македонија во ЕУ и НАТО”.
“Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието да дејствуваат слободно и да се спротивстават на антизападниот партиски играч Мицкоски и антизападното раководство на партијата”, наведуваат од владејачката партија.
Денешната седница првично беше закажана за во 12 часот, а потоа одложена за во 15 часот.