Тодоров: Ме исклучи антизападна фракција
Мене никој не може да ме исклучи од мојата партија која е прозападна и демократска, изјави денеска поранешниот министер за здравство во Владата на Никола Груевски и поранешен висок функционер на ВМРО - ДПМНЕ, Никола Тодоров, кој беше посочен дека заедно со Сашо Мијалков притискале и уценувале пратеници за да обезбедат двотретинско мнозинство за уставните измени поради што беше исклучен од партијатa.
„Ме исклучија од трансформираната фракција на ВМРО, трансформирана во Анти-западна, АнтиЕУ и АнтиНАТО фракција, управувана од луѓе кои се водени и заробени од сопствената суета и кои практикуваат застарени методи на политичко дејствување наметнато од старите удбашки структури кои се уште се поклонуваат на туѓи антимакедонски и антизападни пропаганди и интереси. Во таква антиреформска, антизападна, недемократска и антимакедонска фракција на ВМРО јас не се пронаоѓам“, напиша Тодоров на неговиот официјален Фејсбук профил и порача дека никој не може да го исклучи од неговата ВМРО - ДПМНЕ, која, како што вели, не е изолирана партија, туку модерна и европска.