Анѓушев на Светскиот инвестициски форум: На пат сме кон ЕУ и НАТО, инвестирајте
![Анѓушев на Светскиот инвестициски форум: На пат сме кон ЕУ и НАТО, инвестирајте](https://gdb.rferl.org/FB860AC9-BC5C-48BE-93D1-0B5AF585027D_w800_h450.jpg)
Предводена од вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот за здравство Венко Филипче, владина делегација денеска во Женева учествуваше во активности во рамките на Светскиот инвестициски форум, во организација на Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој.
Како што соопшти од неговиот кабинет, Анѓушев истакнал дека во изминатиот период, преку разговори со стопанствениците, дојдено е до заклучок дека за успех на бизнисот приоритет број еден е стабилност на земјата, како и владеење на правото, а дури на трето место стопанствениците ја поставуваат државната помош, односно субвенциите од државата.
„За обезбедување на стабилноста на земјата, како и високо ниво на владеење на правото, мала земја како Македонија мора биде дел од поголем безбедносен систем. Тоа за нас значи да станеме дел од Европската Унија и НАТО. Ние сме на вистинскиот пат и сигурен сум дека членството во овие организации ќе биде дополнителен стимул за инвеститорите да ја препознаат Македонија како атрактивна дестинација за нивните вложувања“, кажал вицепремиерот.